Со доделување благодарници и плакети за најуспешните вработени и повеќе институции меѓу кои Меѓународниот монетарен фонд и Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи (УЈП) вечерва во зградата на Филхармонијата ја прослави 25 годишнината од формирањето и Св. Матеј – Денот на даночните работници.
Прославата беше збогатена со настап на Филхармонијата со популарна филмска музика под диригентската палка на маестро Емин Џијан.
Во поздравниот говор министерката за финансии Нина Ангеловска порача дека сите се вклучени во даночниот систем и додаде дека УЈП со јакнењето на своите капацитети и дигитализацијата на услугите овозможува да се прибилижи до стандардите на Европската Унија.
-Плаќањето на сите обврски по кој било основ на давачките е она што треба да го правиме сите и е добро за сите. Со тоа се добиваат приходи кои ќе значат подобро општество за сите нас. Обезбедување на стабилен буџет значи спокоен живот за пензионерите, сигурност за нашите деца и нашите доктори, обезбедува цврста реакција на полицијата и не прави безбедни,…, рече Ангеловска и потенцира дека реализирањето на сите функции на државата преку полнењето на буџетот е заедничка обврска на Министерството за финансии и на УЈП.
Успешната работа на двете институции, како што кажа, во првите десет месеци од годинава резултира со стабилни јавни финансии и развој на економијата.
Без знаењето, висококвалитетниот човечки потенцијал и новите технологии, додаде, не е можен никаков напредок никаде, а особено не во работењето на Министерството и во УЈП.
-Даночната администрација ќе стане побрза и подобра само ако се интензивира процесот на менување на навиките на даночниот службеник или даночниот инспектор. Во оваа насока УЈП ја има целосната поддршка од Министерството за финасии, посочи Ангеловска и нагласи дека преку дигитализацијата, поедноставувањето и намалувањето на даночните постапки може да се дојде до подобри даночни услуги. Тоа, пак, како што посочи, ќе значи и намалување на сивата економија.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека УЈП е партнер на МВР во обезбедувањето на законите.
-УЈП е една од стожерните институции на она што го нарекуваме финасиски систем, но уште повеќе институција од која зависи нормалното економско живеење на општеството во целина. Благодарение на вашата работа државата успева да ги реалзира своите политики во функција на граѓаните со цел да ги добие услугите за јавни постапки и бебедност, инфраструктура, истражувања,….транспорт, патишта до безбедна вода за пиење, рече Спасовски.
Тој потенцира дека даночните работници им помагаат на полициските службеници во спорведувањето на законите и искажа надеж дека УЈП и во наредниот период ќе продолжи да се развива и надградува согласно реалните потреби на граѓаните, правните субјекти и државата.