Посветената работа на системите за детска и за социјална заштита, но и интегриран пристап на сите останати институции се многу важни во борбата против насилство врз децата, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната панел дискусија за обезбедување на мултисекторски пристап во детската заштита. Панелот беше дел од дводневната конференција на УНИЦЕФ во Скопје „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан”.
„Изминатиот период воведовме 15 советувалишта во градинките коишто треба да работат со родителите. Дополнително програмата за социо-емоционалниот развој треба да биде наша гордост. Во спроведувањето на оваа програма воспитувачите ги избравме врз основа на тоа дека покажаа најдобри резултати и се вистински професионалци коишто си ја сакаат работата. Овие воспитувачи ќе бидат темелот на промените во предучилишната детска заштита којашто е многу важна за раниот детски развој”, рече Царовска.
Таа истакна дека со социјалната реформа државата првпат воведе работа со семејството.
„Многу е важно да се јакнат најранливите семејства и да ги научиме дека децата треба да бидат на прво место во семејството”, рече Царовска.
На панел дискусијата своите искуства за соработката на институциите за интегрирана детска заштита ги споделија и претставниците од Црна Гора, Србија, Албанија, Вишиот регионален советник за детската заштита на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Арон Гринберг и првата дама Елизабета Ѓоргиевска којашто зборуваше од искуство на лекар.
„Честопати ние како лекари забележуваме физичко насилство кон децата, но за жал немаше воспоставено протокол за да можеме да го пријавиме насилството. Тоа се овозможува со новата Стратегија за стоматолози и лекари со што сите ние ќе можеме брзо да реагираме и да ги заштитиме децата од насилство”, рече Ѓоргиевска.
Целта на конференцијата е да се поттикне љубов за секое дете, односно да се стави крај на насилството со тоа што општеството и институциите ќе имаат нулта толеранција за истото.