Претседателот во заминување на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, за својот последен ден на оваа функција прифати да биде автор на дневниот уреднички коментар на Политико Европа.
Јункер се навраќа на слабостите и успесите на неговиот петгодишен мандат на чело на европската извршна власт.
За него, неотоврањето преговори со Северна Македонија и Албанија во октомври претставува изневерување на ветеното кон овие две земји.
-Ако силата на Европа лежи во тоа да бидеме партнер од доверба, некој на кој може да се смета за да го одбрани глобалниот поредок заснован на мултилатерални правила, нашата слабост лежи во тоа што не ги одржуваме нашите ветувања – нашите и оние на нашите меѓународни сојузници. Најдобар пример е нашата политика за проширување и срамната неспособност на европските лидери да си ги одржат ветувањата за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија откако овие влади ги исполнија потребните критериуми. Почитта мора да се добие и ако сакаме да го одржиме нашиот кредибилитет, мораме да го сториме тоа што сме рекле дека ќе го сториме – внатре и надвор, напиша Јункер во својот проштален коментар.