Oтворен зелениот покрив на ГТЦ

Градскиот трговски центар во Скопје доби зелен покрив.  Местото каде што граѓаните на Скопје од денеска ќе можат да уживаат во убавините на зелениот покрив на овој објект го отворија градоначалникот Петре Шилегов, Нарине Сахакјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева,Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар и Ѓоко Трајчевски, Директор на ГТЦ.

-После неколку месечна работа, заеднички ангажман со Градскиот трговски центар, а во рамки на меморандумот за соработка со УНДП за отпорен град, лоцирано место ГТЦ, конечно го ставаме во употреба новиот квалитетен јавен простор на скопјани, простор којшто сум убеден дека полека ќе си го заземе своето место во таканаречените скопски приказни и дека тука ќе се раѓаат многу убави спомени за нашите сограѓани. Мојот императив како градоначалник беше на еден од симболите на нашиот град, симболот на постземјотресно Скопје, симболот на модерната  ГТЦ од архитектот Живко Поповски да му дадеме нова додадена вредност, ново место коешто ќе ги привлекува скопјани. Тоа го направивме со цел да го заживееме овој дел од градот од една страна, а од друга страна да овозможиме во рамки на проектот којшто го работиме со УНДП, таканаречен термален остров, значително да се намалат температурите во Малиот ринг. Покривот каков што е  зрачи повеќе топлина, според истражувањата којшто ги имаме направено јас очекувам дека температурата овде ќе биде од 16 до 22 Целзиусови степени, односно пониски од порано – рече Шилегов.

Тој додаде дека е  среќен што овој нов квалитет во нашиот град  денеска се става на располагање на скопјани и интензивно се  враќа  зеленилото во   Малиот ринг, онаму каде што  над  70 % во лудило на проектот  „Скопје 2014“ беше исечено.

-Мојот императив и императивот верувам на сите наши сограѓани е здрава животна средина и чист амбиентален воздух и верувам дека со ваквите примери Градот како институција предничи, но спремни сме да поддржиме и други вакви иницијативи од институции како што е ГТЦ, но и од приватни компании, бидејќи немаме алтернатива во борбата за здрава и чиста животна средина – нагласи Шилегов.

Покривот на ГТЦ кој до лани беше речиси неискористен сега стана атрактивен простор со зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот за сите посетители. Согласно со проектот, на површина од 1800 квадратни метри засадени се повеќе од 20 висококвалитетни дрвја и над 30 други видови садници од категориите на средно и ниско зеленило. Поставени се неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, амфитеатрални скали, партерно шаховско поле и модерна урбана опрема согласно  со потребите на посетителите. На тој начин делумно се надоместува загубеното зеленило во делот на Малиот ринг.

Нарине Сахакјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации на отворањето на зелениот покрив на ГТЦ рече дека при термалното мапирање на градот, што го спровело УНДП, утвдено е дека зградата на ГТЦ е една од најтоплите урбани точки во центарот на Скопје, со околу девет степени повисока температура од плоштадот на градот.

-Зелениот покрив ќе ја намали температурата на покривот, но и во околината на ГТЦ и ќе го подобри квалитетот на урбаното живеење и здравиот соживот на жителите на градот со природата. Се надевам дека зелениот покрив на ГТЦ ќе биде пример и ќе стане вообичаена пракса за јавните објекти, особено во центарот на градот. Тоа би бил добар одговор на заканите од екстремни временски услови, топлотните бранови, кои, како последица на климатските промени имаат сериозно влијание врз главниот град – изјави Сахакјан.

Проектот за изградба на Зелениот покрив на ГТЦ е финансиран од буџетот на Град Скопје (во вредност од околу 36 милиони денари), а имплементиран е во соработка и со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

 

 

Треба да знаете
Последни објави