Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе жалба на пресудата на Основниот суд во Куманово, со која го ослободи од вина Љубомир Митев (79) од Којково, на јавноста познат како дедо Љубе, кој за да ги заштити својот и животот на сопругата Царка пукаше во двајца натрапници во неговиот дом и уби еден од нив.
Кумановскиот суд пред две недели донесе ослободителна пресуда за Митев, но сега по жалбата ќе одлучува Апелациониот суд во Скопје. Обвинителството ја обжалило пресудата и во во делот на условната казна за поседување на оружјето.
-Изненаден од изјавената жалба на ОЈО Куманово на пресудата за дедо Љубе, сметам дека постапката требаше да заврши со првостепената пресуда, која е целосно правилна, законита и согласно Уставот. Правдата ќе ја бараме пред Апелациониот суд во Скопје и ќе бараме да има јавна седница, изјави адвокатот Христијан Георгиевски за 24 Инфо.
Пред почетокот на судењето во април 2015 година јавноста бараше дедо Љубе да се ослободи сметајќи дека тој во самоодбрана го убил Златков и го ранил Иванов, кој по разбојништвото беше осуден на осум години затвор. Старецот беше овинет за три кривични дела-убиство, обид за убиство и за недозволено држење на оружје, но одбраната на дедо Љубе укажа на одредени пропусти во обвинението и Судот предметот го врати во истражна постапка. Сепак, и по повторната постапка Митев беше обвинет за убиство во миг, обид за убиство и недозволено држење на оружје, па новиот судски процес почна во јануари 2018 година. Во јуни годинава ОЈО Куманово го повлече обвинението за кривичното дело убиство во миг.
Според пресудата на судот, дедо Љубе е ослободен од обвинението за убиство во миг, а доби условна затворска казна од две години, која ќе се активира ако дедо Љубе во наредните четири години изврши било како кривично дело.