Привремениот претседател на Боливија, Жанин Ањез го повлече законот со кој се предвидува имунитет од законско гонење за воените службеници кои употребија сила за време на протестите, пренесува ТАСС.
„Тукушто ја повлеков претседателската наредба бр. 4078. Благодарение на фактот што сите страни ја препознаа важноста на ова, успеавме да ја смириме ситуацијата во земјата. Среќни сме што Боливијците одлучија да продолжат да работат на изградба на Боливија која ќе живее во демократија и мир“, напиша Ањез на својот официјален профил на Твитер.
Претседателската наредба, издадена на средината на ноември, предвидуваше воените офицери кои учествуваат во операцијата за враќање на стабилноста и редот да имаат имунитет од правно гонење ако постапуваат за одбрана и од неопходност во процесот на извршување на своите уставни обврски.
Организациите за човекови права го критикуваа овој документ за кој се вели дека е спротивен на меѓународните стандарди за заштита на човековите права и ја осудува употребата на сила при потиснувањето на протестите. Од почетокот на политичката криза во Боливија, над 20 лица загинаа во судири.



