Во временскиот период од 1 до 27 ноември, осомничената ангажирана за негување и чување на две деца на возраст од три години, грубо ја запоставувала својата должност за грижа и воспитување и ги малтретирала. Имено, таа постојано им викала и ги навредувала без причина, но и физички ги напаѓала со удари по главата и кубење на косата.
Мајката на децата во домот поставила безбедносни камери и при прегледот на видео записот го забележала малтретирањето и однесувањето кон децата, по што поднела кривична пријава.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат дека осомничената би можела да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, да влијае врз сведоци чии искази се битни за утврдување на фактичката состојба или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор.
Скопската полиција вчера информираше за овој случај на насилство.
-На 27.11.2019 во 12.50 часот во Полициската станица Центар Н.С.(33) од Скопје, пријавила дека нејзините деца близнаци во нејзиниот дом на ул.„Загрепска“ биле физички и психички малтретирани од А.К.(55), која била ангажирана како нивна дадилка.
Јавноста минатата недела беше потресена од видеото од кое се гледаше како скопјанката Ж.П.(59), дадилка на три деца, во игротеката „Дежа Ву“ го тепа детето кое го чува. И таа е во притвор.