Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обрати на конференцијата на ЦИВИЛ на тема „Меѓу стремежите и реалноста”, по повод одбележувањето на 20 годишнината од основањето на граѓанското здружение.
Претседателот Пендаровски изрази очекување дека и во периодот што ни претстои ќе продолжиме да градиме демократска држава во која успехот на едниот нема да биде на сметка на успехот на другите и во која законите ќе важат за сите – подеднакво.
На 10 декември 1948 година, пред речиси 71 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човековите права со што потврди дека признавањето на дoстoинствoто, и нa eднaквитe и нeoтуѓиви прaвa нa ситe члeнoви нa чoвeштвoтo сe тeмeлитe нa слoбoдaтa, прaвдaтa и мирoт вo свeтoт. Само две години подоцна, 10 декември беше прогласен за Меѓународен ден на човековите права.
Денес, речиси нема устав во светот што, барем формално, во себе не ги има вградено одредбите на Универзалната декларација, кои, за жал, не секогаш и не секаде се применуваат и почитуваат. Нема подобар начин да се подготвиме за одбележување на овој значаен меѓународен ден, од оддавањето на почит и признание на оние поединци и организации кои со години, со децении се борат за човековите права и слободи во Северна Македонија.
Едно од најактивните граѓански здруженија на ова поле е ЦИВИЛ – Центар за слобода, кое веќе 20 години активно ги промовира и брани човековите права и слободи, се залага за оддржлив мир и граѓанско помирување во македонското општество.
ЦИВИЛ започна да работи во едно турбулентно време кога нашата земја се соочуваше со големи хуманитарни и безбедносни предизвици. Но, не се задржа само на нив, туку се обидуваше да понуди решенија и за новите проблеми со кој се соочуваше и се уште се соочува нашето општествo.
Од стотината успешни активности и проекти на ЦИВИЛ, јас ќе издвојам само неколку кои според мене имаат посебно значење.
Прво, тоа е Граѓанската повелба како рефлексија на Универзалната декларација. Оваа Повелба препознава дека вистинското или реалното учество на граѓанките и граѓаните во обликувањето на нашето општество е неопходно за надминување на најголемите предизвици, како што се сиромаштијата, насилниот екстремизам, растечката нееднаквост и климатските промени. Повелбата е повик граѓанскиот активизам да го заземе своето вистинско место на неформален, но, неопходен контролор врз нас политичарите и функционерите за да работиме за општото добро.
Со оваа Граѓанска повелба кон која низ годините пристапија многу слободоумни граѓани и граѓански здруженија, се потврдуваат правата и слободите што ни припаѓаат на сите нас, како што се слободата на собирање и здружување или слободата на изразување, според која секој има право да ги споделува, да ги дискутира, и да ги промовира своите ставови и идеи, да ги поддржува идеите на другите или да изрази несогласување.
Овие слободи се клучни за втората активност на ЦИВИЛ за која сакам да зборувам, а тоа се заложбите за медиумската слобода. Во услови на повеќегодишен медиумски мрак, ЦИВИЛ го лансираше проектот „Граѓански објектив” што имаше за цел преку граѓанско новинарство да придонесе кон ослободување и деконтаминација на медиумскиот простор и охрабрување на граѓанките и граѓаните да градат слободно општество.
Со граѓанскиот објектив, ЦИВИЛ придонесе кон јакнење на слободата на изразување и медиумската писменост. Со бројните конференции, трибини, кампањи и публикации, вие правите една многу вредна работа – ја едуцирате македонската јавност и ја промовирате културата на дијалог.
Слободните медиуми се еден од предусловите за вистинска демократија. И тука доаѓам до третиот сегмент за кој би сакал да зборувам, а тоа се слободните демократски избори. Веќе 11 години, од 2008-та, ЦИВИЛ спроведува изборен мониторинг со нови, ефективни методологии за набљудување и граѓанска едукација за гласачкото право. Залагајќи се за демократија и правна држава, вие во нашиот систем ги вградувате напредните европски стандарди и критериуми, што се важни за европските интеграции.
Четвртата група на проекти адресираат една особено актуелна тема, а тоа е заштитата на животната средина. Со години наназад сме сведоци на видливите негативни трендови во оваа област и затоа мораме да делуваме итно и во континуитет. Загадувањето и климатските промени се наша реалност денес, која влијае врз нашиот квалитет на животот, здравјето, економските процеси, врз инфраструктурата.
Пред неколку недели се сретнав со претставници на десетина граѓански организации и иницијативи кои ми се обратија за поддршка во оваа област. Како претседател јавно ќе повикам на зголемен ангажман на повеќе надлежни органи заради ублажување на негативните ефекти кои сите ние ги чувствуваме. Знам дека ЦИВИЛ многу работи на ова поле, а еден од поновите проекти наречен „Зелените доаѓаат” дава свеж моментум за зелената агенда во Северна Македонија.
Кревајќи ја свеста на јавноста за реалните прашања и проблеми кои не секогаш се видливи на политичкиот фронт, граѓанскиот сектор им помага на граѓаните да го обликуваат општеството и со тоа директно придонесува кон нашите напори за трансформација во прогресивна и просперитетна држава.
Очекувам дека и во периодот што ни претстои ќе продолжиме да градиме демократска држава во која успехот на едниот нема да биде на сметка на успехот на другите и во која законите ќе важат за сите – подеднакво. Во која ќе се штитат правата и слободите наместо привилегиите. А во основата на нашиот заеднички потфат за слободно и праведно општество да остане достоинството на човекот и граѓанинот.
Ви го честитам јубилејот, ви честитам на упорноста и издржливоста во овие 20 години и ви посакувам да сте живи, здрави и во следните 120 години.