Поранешен топ менаџер на американската подружница на „Дојче банк” кој одобрил повеќе високоризични кредити на американскот претседател Доналд Трамп, извршил самоубиство на почетокот на месецов, дознава „Лос Анџелес магазин”, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Томас Боуерс, поранешен раководител на „Дојче банк” во САД одговорен за управување со лично богатство, извршил самоубиство со бесење во својот дом во Малибу, Калифорнија, се наведува во извештајот за обдукција на полицијата на Лос Анџелес.
Во изминатие десетина години „Дојче банк” неколку пати извршила кредитни трансакции на сметка на Трамп во износ од околу 2 милијарди долари, откако многу други банки и финансиски институции одбиле да работат со него поради историјата на стечаи и банкроти. Поради ова, откако Трамп стана претседаел, банката се најде во фокус на истраги на два конгресни одбора и на јавниот обвинител на Њујорк, кои одамна трагаат по даночните пријави и потеклото на финансиите од бизнисите на Трамп за кои има сомнежи дека переле пари.
Изданието дознава дека Боуерс одредено време имал увид во финансиите на Трамп.
Тој и Розмари Враблиц, негова поранешна колешка која станала одговорна за приватните финансии на Џаред Кушнер, зет на Трамп, помеѓу другото, биле одговорни и за 100 милиони долари кредит на име на Трамп, иако тој се уште бил должник на банката.
Овие пари му помогнале на претседателот да стане сопственик на познатиот голф ресорт Дорал во Мајами во 2012 година. Кредитот бил одоборен и покрај долготрајниот судски спор помеѓу банката и Трамп за друг неисплатен заем во Чикаго.
Боуерс работел во Дојче банк до 2015 година.
Тој не е прво раководно лице во банката поврзано со Трамп кое извршило самоубиство. Вилијам Бруксмит, аналитичар за вторичен капитал во Дојче банк во Европа, кој наводно имал врски со Трамп и Русија, во 2014 година се обесил во својот дом во Лондон.