Превенција од насилниот екстремизам преку зајакната соработка помеѓу полицијата и локалната заедница 

„Нема дилема дека постојат многу причинители за појавата на овој девијантен феномен – насилниот екстремизам иако, во основа, можеме да  сублимираме два клучни генератора: социо-економските и културолошко-образовните противречности што постојат во заедницата. Притоа, неспорен е фактот дека младата популација е примарен таргет во пролиферацијата на насилниот светоглед, изразен како поведение,  односно делување, независно дали тоа ќе го анализираме во локални или во глобални општествени рамки“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на завршната конференција „Здружени локално против насилниот екстремизам“, во организација на Националениот совет за родова рамноправност, поддржан од Меѓународниот Републикански институт. Според министерот Спасовски, нетолерантноста и неразбирањето лесно се трансферираат во екстремизам и радикализам, каде што насилството станува крајно опасен и сериозен инструмент, кој не ретко води до најтешките облици, вклучително и тероризмот. Оттука, Спасовски нагласи дека прашењето за негова превенција станува императив на институционално, вонинституционално и на локално ниво.

Осврнувајќи се на фокусот на завршната конференција, министерот за внатрешни работи ја истакна потребата  од рана детекција и превенција од влијанијата што можат да доведат до појава на насилен екстремизам, а не ретко и до тероризам. Според сите релевантни согледувања, искуства и практики од аспект на МВР, токму насилниот екстремизам претставува најексплоатираната регрутна база за терористичките делувања, така што од огромна важност е благовременото воочување на состојбите и детектирање на причините што можат да доведат до оваа појава.

„Оттука и важноста на превенцијата, и тоа почнувајќи токму од локалните средини. Ние како министерство, тргнувајќи од развојот на концептот ‘Полицијата како сервис на граѓаните’, во континуитет сме насочени на продлабочување на комуникацијата и соработката помеѓу  полицијата и локалната заедница. Меѓу другото, сето ова е во насока и на детектирање на посериозните форми на закани, како што е, впрочем, случајот со насилството од екстремистички побуди. Сметаме дека тоа е вистински пристап за севкупното подигање на безбедносните стандарди на живеење, така што нашата отвореност и напорите  за интензивирање и продлабочување на таквата соработка се насочени кон сите локални и општествени чинители, вклучително и невладиниот сектор“, рече министерот Спасовски.

 

Треба да знаете
Последни објави