Интегрален текст од соопштението на Фронт за демократска Македонија насловено како ,,Министерско јавно признание за поткупени пратеници кои гласале за уставни промени”
Со јавното признание на министерката за правда, Рената Дескоска, дека со Законот за амнестија се одоброволени обвинети пратеници од ДПСМНЕ да гласаат за уставни измени и за промена на уставното име, таа јавно потврди дека обвинителство и судството во нашата држава се под директна и целосна контрола на власта, а дел од пратениците ефтина ,,роба” со која лесно се тргува. Така беше во минатото, така е и денес. Обвинителтвото и судството повторно се зауздани и послушни извршители, а обвинетите пратеници станаа бедна гласачка машинерија. Со ова самопризнание на министерката Дескоска не само што е ставен голем и срамен товар на системот на правдата, туку се покажа гнилоста на системот и апсурдноста да се очекува правда и правичност во нашава држава доколку се нема амин од власта..
Фактот дека народни избраници, обвинети за тешки кривични дела, се ослободени од кривично гонење за да гласаат по желба и воља на власта за промена на Уставот е признание дека со давање поткуп, присилба, ветување и убедување од страна на највисоките државни функционери и странски амбасадори е создадено злосторничко здружение со кое се сторени стек на тешки кривични дела казниви со Кривичниот законик на Република Македонија. Се работи за свесно создаден криминален ентитет составен од премиер, министри, пратеници, судии и обвинители потпомогнати од странски амбасадори за погазување на темелните вредности на уставниот поредок и непочитување на начелото за еднаковст на граѓаните пред Уставот и законите.
По јавното признание на министерката за правда, во сериозна правна држава во која постои независен и со интегритет јавен обвинител и судии, следуваат експресни притвори за сите учесници и драконски казни за сите инволвирани во случајот наречен ,,Со поткуп до устави измени”. ФРОДЕМ тоа не го очекува од овој состав на судии и обвинители кои немаат никаков личен морален кредибилитет, меѓутоа сакаме јавно да укажеме дека овие кривични дела не застаруваат и дека сите оние кои со сторување или со несторување биле дел од ова злосторничко здружение кога тогаш ќе се најдат пред лицето на правдата.
ФРОДЕМ исто така укажува и на тесната спрега на опозицијата и власта и постоење на премолчен договор за избор на судии ,,по мерка” во сите судски инстанци, имајќи ги во предвид и судиите во Уставниот суд. Отако ќе ги постават на посакуваните позииции единствена обврска на судиите е како најбрзо да го амнестираат или релативизираат сторениот тежок криминал сторен од нивните политичките ментори. Бесрамно е создадена меѓупартиска спрега за создавање на квази поредок на неказнивост и опасна правна несигурност, поредок кој одговара исклучиво и само на алчните политички криминални структури.