Кревајќи ја свеста на јавноста за реалните прашања и проблеми, кои не секогаш се видливи на политичкиот фронт, граѓанскиот сектор им помага на граѓаните да го обликуваат општеството и со тоа директно придонесуваат кон нашите напори кон трансформација во прогресивна и просперитетна држава.
Ова го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски во обраќањето на конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста” по повод 20-годишнината од основањето и активно делување на ЦИВИЛ, што се одржа во Музејот на Град Скопје.
– Очекувам дека и во периодот што ни претстои ќе продолжиме да градиме демократска држава во која успехот на едниот, нема да биде на сметка на успехот на другите и во која законите ќе важат за сите подеднакво, во која ќе се штитат правата и слободите, наместо привилегиите, а во основата на нашиот заеднички потфат за слободно и праведно општество да остане достоинството на човекот и граѓанинот, порача претседателот Пендаровски.
Посочувајќи дека ЦИВИЛ започна да работи во едно турбулентно време кога нашата земја се соочуваше со големи хуманитарни и безбедносни предизвици, Пендаровски од стотина успешни проекти и активности на ЦИВИЛ, издвои неколку, кои, како што подвлече, според него имаат посебно значење. Говореше за граѓанската повелба, како рефлексија на универзалната декларација, која препознава дека реалното учество на граѓаните во обликувањето на нашето општество е неопходно за надминувањето на најголемите предизвици како што се сиромаштијата, насилниот екстремизам, растечката нееднаквост и климатските промени.
– Повелбата е повик граѓанскиот активизам да го заземе своето вистинско место на неформален, но неопходен контролор врз нас политичарите и функционерите за да работиме за општото добро, рече меѓу другото шефот на државата.
Пендаровски говореше и за заложбите на ЦИВИЛ за медиумската слобода во услови на повеќегодишен медиумски мрак, кога, подвлече, го лансираше проектот „Граѓански објектив” со цел ослободување и деконтаминација на медиумскиот простор. Слободните медиуми, потенцира претседателот Пендаровски, се едно од предусловите за вистинска демократија.
Спомена дека од 2008 година ЦИВИЛ спроведува изборен мониторинг за нови ефективни методологии за надминување и граѓанска едукација за граѓанското право. Како понов проект за заштитата на животната во посочи „Зелените доаѓаат”.
Говорејќи за постигнувањата, предизвиците и перспективите на ЦИВИЛ Џабир Дерала се осврна на, како што рече, уривањето на еден режим, како историско будење на општеството.
– Сите критики, бробата за работничките права, изработката на законите, борбата за човековите права и слободи, за слободата на изразувањето, за европските и зелените вредности, за се што им значи на луѓето да имаат подостоинствен живот и посреќно детство и младост на генерациите кои ќе ја водат оваа земја во европска иднина, рече Дерала.
Познати се и предизвиците, подвлече, затоа што граѓанското општество не е имуно на политизација, на пенетрација на задните, деструктивни, националистички и криминални структури во земјата. Потребни се, смета Дерала, повеќе искреност, самокритика и гласност, да се справиме со предизвиците во овој преломен миг за Република Северна Македонија.
– Уште еден огромен предизвик е пред нас, а тоа се лажните вести и говорот на омразата. Тие се главното оружје на центрите на моќта, кои не сакаат да ја видат македонската иднина во Европа и во развиениот демократски свет, истакна Џабир Дерала.
Тој истакна дека перспективите за нашата држава се европски, се друго, потенцира, ќе значи поделби, насилство и распад, а пред граѓанското општество е предизвикот да се врати Северна Македонија од мрачното минато на лаги, поделби и насилство и да стапи кон европската иднина.