Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Општина Карпош денеска организираше панел дискусија и додели еднократна финансиска поддршка на 133 лица со попреченост од Општината.
На дискусијата се зборуваше за сензорните соби за ученици со попреченост кои се отвораат во училиштата, за персоналните образовни асистенти, потребата од дневен центар за лица со попреченост, а беа отворени и други прашања од оваа област.
Според Андријана Тодоровска, дефектолог од ООУ „Вера Циривири Трена” и „Лазо Трповски”, со отворањето на сензорните соби се придонесува за уривање на бариерите меѓу сите ученици.
Вакви соби, како што најави градоначалникот Стефан Богоев, наскоро ќе бидат отворени и во училиштата „Лазо Трповски” и „Аврам Писевски”, а во училиштето во Бардовци во моментот се работи на посебен тоалет за ученици со попреченост.
Во однос на вработувањата, Богоев посочи дека во Општината работат лица со попреченост, а кафулето „Ревија” минатата година имало оглас за вработувања на лица со Даунов синдром.
Според Богов, постои и можност за отворање на дневен центар откако ќе бидат отворени новите простории за општинската администрација, односно една од постоечките бараки може да биде пренаменета во дневен центар за лица со попреченост.
– Единствената попреченост во животот е лошиот став. Деновиве сме сведоци и на случувањата во Визбегово, каде што заедницата има проблем да прифати три дечиња, кои ќе бидат сместени во мал групен дом. Затоа, повторно ќе нагласам, бариерите ги создаваме ние, луѓето. И верувајте, вие немате никаква бариера. Бариерите се во системот, кој се трудиме постојано да го унапредуваме и прилагодуваме, но имаме уште многу работа, рече Богов пред лицата со попреченост.
Денешниот настан заврши со музички перформанс на млади таленти од Карпош, кои преку музика и знаковен јазик испратија порака за прифаќање на различностите и градење на инклузивна заедница.