Специјалното обвинителство на Република Косово денеска подигна обвинение пред Специјалното одделение на приштинскиот Основен суд против шест лица осомничени за убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, што се случи пред речиси две години во северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Обвнинителството се наведува дека обвинетите се товарат за кривичните дела „Учество или организирање на организирана криминална група”, „Злоупотреба на службената должност и овластување”, „Помош во извршувањето на кривичното дело Тешко убиство”, Неовластено поседување оружје”, „Откривање службена тајна”, „Злоупотреба на службената должност во соизвршување” и „Манипулирње со докази во соизвршување”.
– Специјалното обвинителство информира дека лицата Н.С., М.Р. и Р.Б., кои се наоѓаат во притвор, како и М.Р, З.В. и Ж.Б., кои се во бегство и за кои надлежен суд објави налог за приведување и меѓународна потерница, дејствувале како организирана криминална група со структура и хиерархија, со формално определени улоги, криминална група која не е формирана случајно, туку дејствува од 2011 година наваму, раководена од лицата З.В. и М.Р., кои се во бегство, при што сите обвинети дејствуваат во континуитет и во соработка, намерно и свесни за намерата и општите дејствија на организираната криминална група за вршење едно или повеќе кривични дела (…) при што дејствијата на оваа група резултираа со убиството на Оливер Ивановиќ, откако истите претходно му го запалија автомобилот, се вели во обвинението што го објави Специјалното обвинителство.
Приштинските медиуми објавија дека сите шест обвинети се припадници на српската етничка заедница во Косово.
Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари 2018 година во северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија – Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда.