Поранешната европратеничка Силви Гулар од редовите на центристичката Модем и неуспешна кандидатка на Емануел Макрон за еврокомесар, е сослушана денеска од судија, како дел од истрагата за фиктивни вработувања на наводни асистенти на европратениците, по што таа е обвинета за проневера на јавни средства, јави дописникот на МИА од Париз.
Судиите од финансискиот центар на судот во Париз од 15 ноември ставија под истрага неколку лица за „соучесништво во проневера на јавни средства”. Меѓу нив се наоѓаат и поранешниот министер за правда Мишел Мерсиер и главниот финансиски директор на Модем, Александр Нардела. Претседателот на Модем, Франсоа Бајру е повикан пред судија во петок.
Судиите бараат да се утврди дали парламентарните соработници биле платени од фондовите на Европскиот парламент, а всушност им биле доделени други задачи во центристичката партија.
Отворањето на прелиминарна истрага од страна на обвинителството во Париз во јуни 2017 година доведе до оставка на Франсоа Бајру од функцијата министер за правда, но и на Мариел де Сарнез од функцијата министер за европски прашања и на Силви Гулар од функцијата министер за одбрана.
Овој случај ја чинеше Гулар нејзиното место во новата Европска комисија, одбиено во октомври од страна на европратениците.
Поранешна европратеничка (2009-2017), моментно заменик гувернер на Банк де Франс, прифати ова лето да му надомести на Европскиот парламент 45.000 евра.
Оваа сума одговара на осуммесечна плата за еден од нејзините асистенти, Стефан Теро, за кого не можеше да обезбеди „доказ за работа”. На 30 август, Европскиот парламент го затвори неговиот случај.
Модем не е единствената политичка партија што е под „лупа на правдата” за наводни фиктивни работни места во Европскиот парламент. Слична истрага беше отворена и за Франс Инсумис (Непокорна Франција) и за Националниот фронт (ФН), во кој има дваесет обвинети лица, меѓу кои и Марин Ле Пен.