Војници, ветерани, анонимни … илјадници луѓе се собраа денеска на мостот Александре Трети, во Париз, на церемонијата предводена од шефот на државата за да им оддадат последна почит на 13 француски војници убиени на Мали, јавува дописникот на МИА.
Насобраните ги пречекаа ковчезита на тринаесетте војници убиени во судир на два хеликоптери за време на борбената операција во североисточен Мали, чии тела беа вратени вчера.
Овие тешки човечки жртви имаа ефект на електрошок во Франција, чија армија не претрпе такви загуби од нападот врз францускиот штаб Дракарр во Бејрут во 1983 година, во кој беа убиени 58 лица.
Нивната смрт исто така ги оживеа прашањата околу ангажманот на Франција во Сахел, каде безбедносната состојба продолжува да се влошува, па така шефот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон отворено бара враќање на трупите. Спротивно на неговото барање, 58% Французи се за одржување на операцијата, според анкетата на ИФОП објавена во понеделникот.
Малискиот претседател Ибрахим Бубакар Кетиа беше присутен нацеремонијата заедно со француската влада и семејствата на војниците во оваа почит организирана во дворот на Инвалидите, кој ги прифаќа ветераните и ранетите француски војници од 17-от век и каде се наоѓа гробот на Наполеон.
Претседателот Емануел Макрон им оддаде почест на загинатите војници, пред да ги одликува постхумно со Легија на честа, на секој од 13-те војници „мртви за Франција”, пред околу 2.500 присутни.
Нивните хеликоптери се судриле додека ги поддржувале падобранските командоси кои забележале сомнителни камионети во граничната област со Нигер и Буркина Фасо, регион што служи како место за активности за џихадистичките групи поврзани со ИСИС ( ЕИ) или Ал Каеда. Ниту еден од патниците не преживеал.
13-те убиени војници, сите офицери и подофицери, служеа во 5-от борбен хеликоптерски полк 4-ри полк на ловци 93-ри планински артилериски полк и легијата на странците.
Француската операција Бархан мобилизира 4500 војници во Сахел-Сахара, огромно подрачје големо колку Европа, во борба против вооружените групи. Но, по шест години непрекинато присуство и 41 мртва на француска страна се поставуваат многу прашања за ефикасноста на борбата..
Џихадистичкото насилство опстојува во северниот дел на Мали и се шири во центарот на земјата, како и соседните Буркина Фасо и Нигер. Загубите се се повеќе и повеќе тешки за локалните армии, кои не можат да се справат самите со вооружените групи/
Емануел Макрон во четвртокот објави дека сака да ја преиспита стратегијата на француските анти-џихадистички сили во Сахел, во експлозивен безбедносен контекст и ги повика Европејците да се вклучат покрај Франција.
-Контекстот во кој живееме денес во Сахел, не води да ги разгледаме сите стратешки опции, рече шефот на француската држава.
Борбата на Франција во Сахел „е на долго време”, рече во неделата министерот за вооружени сили Флоренс Парли во интервју во Журнал ду Диманче. Но, властите и експертите се согласуваат дека нема да има излез од овој конфликт само со сила и без политичко дејствување, додека се шири џихадизмот и насилството што ги однесе животите на илјадници луѓе.
Од своја страна, претседателот на Мали во саботата ги повика своите сонародници да не ја „касаат раката” на оние кои им помагаат, вклучително и Франција, наспроти изразите на непријателство за присуството на странски сили во земјата.