Австралијка пронајдена по 12 дена минати во пустина

Жена која се загубила во оддалечен и пуст дел на Австралија пред 12 дена е спасена додека по нејзините двајца пријатели и натаму се трага, соопшти денес австралиската полиција.

Полицијата ја пронашла жената следејќи ги трагите од гуми на возилото со кое патувале, пренесе агенцијата АП.

Тамара Мекбет Рејли (52) е пронајдена во неделата навечер и веднаш била пренесена во болница поради дехидрираност и изложеност на сонце, соопшти полицијата, додавајќи дека во хеликоптерска потрага се бараат нејзините пријатели.

Тројцата тргнале од Алис Спрингс на 19. ноември, меѓутоа нивниот автомобил се заглавил во суво речно корито југозападно од градот.

Мекбет Рајли е пронајдена 1 и пол километар северно од автомобилот во близина на извор на вода и, според полицијата, цело време се трудела да остане близу до водата што ја пиела, поради што успеала да преживее.

Според неа, нејзините пријатели продолжиле да пешачат 20 километри кон автопатот за ја избегнат пустинската топлина која достигала дури 40 Целзиусови степени, а со нив имале вода и малку храна.

Таа изјавила дека останала до изворот на вода затоа што не верувала дека ќе може да пешачи до автопатот и оти не знаела дали некој ги бара.

„Кога хеликоптерот ме најде, помислив дека моите пријатели пристигнале до автопатот“, рекла Мекбет Рајли.

Полицијата соопшти дека пронашла траги од чевли, но дека областа во која се движеле исчезнатите е доста разновидна – има многу песочни дини, глинеста почва и карпи.

 

Треба да знаете
Последни објави