Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ќе ја предводи делегацијата на нашата земја во чиј состав се и заменичката на претседателот во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на Состанокот на лидерите на НАТО во Лондон на 3 и 4 декември, со кој одбележува 70 годишнината од постоењето на Алијансата. Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади во среда на 4 декември, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Северна Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата, откако во февруари оваа година беше потпишан Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата што досега го ратификуваа 28 членки на НАТО.
Со учеството на состанокот на лидерите на земјите членки, Северна Македонија ја потврдува определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи со најмоќната воена и политичка алијанса заснована на демократски вредности, како основа за заеднички просперитет и за напредок на земјите членки.
Скорешното полноправно членство во НАТО е реализација на стратешката цел на нашата земја зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.
Претседателот на Владата, Зоран Заев утре (вторник, 3 декември), ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”).
Покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.
Премиерот Заев и членовите на делегацијата на Владата на Северна Македонија, за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.
Претседателот на Владата, Зоран Заев е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.