Противењето за можната амнестија, за што се сложни и власта и опозицијата, е единствена шанса која мора да се искористи, истакна професорот Јове Кекеновски, гостувајќи во дебатната емисија „Само вистина“ на „Канал 5“ . Тој додаде и дека помилувањата станале инструмент на политичката моќ.
-Пратениците треба да се ослободат од партиските интереси и да одлучат како им носи совеста во врска со автентичното толкување на Законот за помилување, за кој расправа и Уставниот суд. Сите се обидуваме на свој начин да толкуваме една одредба. Нема држава во која една одредба се толкува на толку различни начини. Автентичното толкување ќе донесе сите да го толкуваме тоа на еден ист начин. Со оглед на силите во законодавно-правната комисија, јас не сум сигурен, бидејќи зависи кој има мнозинство, тој ќе одлучи, за жал не успеавме да се издигнеме над партиските интереси- рече Кекеновски.