Не постои простор за никаква дискусија за статусот на Крим, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, на прашањето за идејата на украинскиот претседател Владимир Зеленски за дискусија за статусот на Крим меѓу Русија, Украина и САД, пренесува ТАСС.
„Не може да има реакција од Кремљ. Нема дискусија за Крим. Ова е кажано многупати на различни нивоа“, рече Песков.
Прашан на кој начин може да реагира рускиот претседател Владимир Путин ако Зеленски го постави ова прашање на преговори, Песков одговори:
„Секако дека тој ќе даде детални и конзистентни одговори на сите прашања што можат да се појават. Претседателот секогаш го прави ова отворено, конструктивно и сеопфатно“.
Како одговор на прашањето како би можел Путин да реагира на предлогот за дискусија околу статусот на Крим на самитот на Нормандиската четворка, Песков рече дека одговорот на рускиот лидер нема да зависи од форматот на ова прашање.