На почетокот од наредната година Швајцарија планира да почне да кова монети со ликот на прославениот тенисер од оваа земја Роџер Федерер. Ликот на рекордерот според освоените гренд-слем трофеи (20) ќе се најде на монетите од 20 франци, одлучила Владата на Швајцарија. Ова е за првпат во оваа земја на монета да се најде лик на жива личност. Во план швајцарските власти имаат ликот на Федерер во поинаков дизајн да се најде и на банкнота од 50 франци од мај 2020 година.
Федерер е веројатно најуспешниот индивидуален спортист на Швајцарија и беспрекорен амбасадор на нашата земја – се наведува во образложението за својата одлука на Владата на Швајцарија. Според планот на Владата од јануари треба да бидат пуштени во оптек ограничен број од 95.000 монети со ликот на Федерер.