Косовски суд го осуди денеска на четири години затвор 29-годишниот Агон Мисини, обвинет за организирање и учество во терористичка група, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според пресудата на Основниот суд во Приштина, Мисини во август 2015 година, со фалсификуван пасош отпатувал за Истанбул, од таму заминал во Сирија, каде што се приклучил на терористичката организација Исламска држава (ИД) и активно учествувал во борбите во таа држава. На 26 август 2017 година бил заробен од курдските сили и држен во нивен затвор до 19 април 2019, кога е екстрадиран во Косово.
Пресудата на Мисини му ја изрече судијката на Специјалното одделение на приштинскиот суд, Шадије Гргури, која рече дека при одредувањето на казната е земено предвид дека тој го признал делото и се покајал. Во казната ќе се пресмета времето кое осуденикот го поминал во притвор од 20 април годинава.
Според обвинението, Мисини на 24 јули 2015, со умисла и намерно, по претходни подготовки ја напуштил територијата на Република Косово преку граничниот премин Генерал Јанковиќ (Блаце) и заминал за Република Северна Македонија, каде што контактирал со поддржувачи на терористичката организација ИД. Потоа, во неутврдено време во август 2015, со фалсификуван пасош на име на лице од Скиопје, преку Грција отпатувал со автобус во Истанбул, од каде што заминал до границата на Турција со Сирија, каде што се приклучил на ИД.
Повеќе од 400 косовски државјани се проценува дека заминале во Сирија во изминатите шест-седум години за да војуваат на страната на исламските екстремисти.
Над 70 од нив се убиени, додека голем број жени и деца останаа и натаму во воените зони.
Според податоците на косовската полиција, во воените зони во Сирија има уште неколку десетици лица кои се борат на страната на ИД.