Патентните документи се богат извор на технички, правни и деловни информации, кои се многу често користени од истражувачи и пронаоѓачи во сите области на делување. Тие се релевантен извор за претрпиемачи, трговски претпријатија и професионалци кои работат со патенти.
Ова го истакна Горан Герасимовски, заменик директор на ДЗИС на отворање на семинарот за Информации за патенти и бази на податоци што во организација на Светската организација за интелектуална сопственост и Државниот завод за индустриска сопственост денеска се одржува во Скопје. Според него во денешното „море” од информации, токму тие се наша референтна точка, бидејќи содржат потврдени, проверени, оргинални информации на кои секогаш можеме да се потпреме. Државниот завод за индустриска сопственост, како што беше истакнато, има преземено низа активности со цел да го подобри пристапот до информациите за патенти. Меѓу нив се новиот пребарувач за патенти, трговски марки и индустриски дизајн, кој со инкорпорираните математички оператори му помага на корисникот да прави покомплексни и попрецизни пребарувања. Заводот, исто така ги направи јавно достапни своите податоци за Патенти во алатаката за пребарување на European Patent Register на кој се прикажуваат библиографски податоци и правниот статус на Европските патентни пријави што се во национална пост-грант фаза, кои се доставени од земјите членки на ЕПО. Освен на информациите за патенти, Заводот работи и на информациите и базите на податоци за трговски марки и индустриски дизајн. Од 2018 година, Заводот ги направи јавно достапни своите податоци за трговски марки и индустриски дизајн во алатките за пребарување на Global Brand Database и Global Design Database, а од септември 2019 година ДЗИС стана членка и на DesignClass.