Процесот на децентрализација во Белгија, важноста на фискалната децентрализација и регионалниот развој беа главните теми на денешната средба во кабинетот на министерот за локална самоуправа Горан Милевски со Жан Жак Флао, француски и белгиски историчар и политичар, со големо искуство во белигиската локална и федерална политика.
„Во процесот на децентрализација на нашата земја важни се искуствата кои ќе се чујат директно за процесите на другите земји како на пример во Белгија. Министерството и понатаму ќе се грижи за општините и ќе соработува со нив преку ЕУ проекти за да се развиваат и да нудат квалитетен живот на граѓаните, се со цел да имаме и функционална децентрализација. Жан Жак Флао е еден исклучителен политичар, со кој денеска разговаравме за важноста за фискалната децентрализација како и за регионалниот развој на нашата земја и нивната“ вели Милевски.
Жан Жак Флао 37 години е член на советот на Берн ла Комт, од кои 15 години е градоначалник и 6 години е заменик градоначалник. До мај годинава е еден од најактивните пратеници во Комисијата за надворешна политика во парламентот на Белгија.
Во моментов претседава со интернационалниот оддел на партијата Реформско движење, најстарата белгиска партија формирана во 1846 година, од која доѓаат новиот претседател на Европскиот Совет Шарл Мишел, претходен премиер на Белгија, новиот европски комесар за правда и правна држава Дидие Рејндерс, белгиската премиерка Софи Вилемс и белгискиот министер за надворешни работи Филип Гофин.