Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја повика Европската Унија да ги почне преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија следната година, оценувајќи го како грешка несогласувањето на францускиот претседател Емануел Макрон по однос на ова прашање.
Во интервју за „Фајненшал тајмс“, Мицотакис изрази надеж дека оваа грешка ќе биде исправена.
Тој го повика Макрон да го реафирмира проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан зошто, како што оцени, тоа е геополитичка цел. Мицотакис дури и потсети дека токму тоа го направиле претходниците на Макрон во Париз, кои пред четири децении се залагале за приклучување на Грција кон сојузот.
„Доколку го погледнеме геополитичкиот контекст, јасно е дека европскиот пат мора да остане отворен за целиот Западен Балкан, под услов земјите да ги исполнат критериумите. Да се потсетиме на Грција во 1979 година, кога тогашниот француски претседател храбро и одлучно, гледајќи го поширокиот геополитички контекст, одлучи дека Грција мора да припаѓа во Европа за да се надмине траумата од периодот на воената хунта“, објасни Мицотакис.
Тој рече дека прашање е дали Грција била подготвена за членство во тоа време, но тврди дека тоа била геополитичка одлука важна за иднината на земјата, пренесува „Танјуг“.
Прашан за руското влијание на Западен Балкан, Мицотакис рече дека по однос на ова прашање бил загрижен и сè уште е и натаму ќе биде, па токму поради тоа смета дека Европскиот совет во 2020 година треба да ја преиспита својата одлука за отворање преговори со Скопје и Тирана.
Грчкиот премиер го критикуваше францускиот претседател Макрон и за неговата изјава дека НАТО е „клинички мртово“, додавајќи дека некои забелешки на Макрон на сметката на алијансата се на место, но дека тој користел термини и проценки кои би можеле да бидат контрапродуктивни.