Владата е определена да гради инклузивно општество и се стреми кон целосна социјална инклузија и на граѓаните Роми. Клучно е дека постои политичка волја и поддршка кај оваа Влада за вистинска имплементација на стратешките документи за подобрување на состојбата на Ромите, но и за следење на сите европски препораки, меѓу кои и почитување на Европската платформа за инклузија на Ромите којашто се однесува на инклузија на Ромите во општествата во земјите членки и државите кандидати за членство, истакна Музафер Бајрам, министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за унапредување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија.
Тој, на тркалезната маса, што се одржа денеска во рамки на проектот „Од акција до еднакви права на Ромите”, организирана од страна на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце’ од Тетово, посочи дека не треба да се тргнат на страна негативните забелешки во извештаите на Европската комисија и на надлежните институции кои го следат исполнувањето на основните права и слободи.
– Во 2018 година, застапеноста на вработени Роми во државна администрација и јавната администрација е 1,3 проценти или вкупно се вработени 1.800 Роми. Во однос на дистрибуцијата на работни места 1,4 отсто се нераководни работни места, 0,2 проценти на раководни работни места, и 0,6 отсто се избрани или именувани лица. Како причина за ваквата лоша процентуална застапеност морам да го потенцирам Балансерот за правична застапеност, која искрено се покажа како лоша алатка за помалите етнички заедници, оцени Бајрам.
Тој истакна дека со големи напори успеале да обезбедат голем број проекти и да искористат 20 милиони денари во рамки на потпограмата за поддршка на декадата и стратегијата за Роми при Министерството за транспорт и врски наменети за комунални инфраструктурни проекти, забележувајќи го како голем успех двојното зголемување буџетот за 2020 година, кој ќе се однесува на комунални и инфратструктурни проекти во износ од 40 милиони денари.
– Направивме законски измени во Законот за основно образование со кои системски ја обезбедивме поддршката од образовните медијатори во основното образование. Исто така би сакал да споделам со вас дека во најава е и финансиска поддршка на првоодделенците од семејствата со социјален ризик. Веќе е објавен конкурсот за финансиска поддршка на запишани деца Роми во прво одделние во учебната година 2019/2020, рече министерот без ресор.
Во однос на здравствените медијатори, тој ја поздрави иницијативата на Министерството за здравство за доставениот план за вработување на 32 здравствени медијатори кој беше разгледан на Владината седница одржана во Тетово. Во рамките на овој план предвидено е вработување на овие лица во текот на 2020 година.
– По подолга пауза отпечатена е нова Граматика на современиот ромски јазик и во најава е подготовката на нов речник на ромско-македонски јазик, наведе Бајрами.
Тој нагласи дека заедничка цел е подобрување на положбата на ромите какои намалување на јазот меѓу ромското и неромското население.