Десет студенти на УКИМ денеска ги потпишаа договорите со ОКТА, со кои добиваат целосни стипендии за постдипломски студии. Компанијата трета година по ред стипендира студенти од државниот Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Со оваа програма се опфатени пет факултети од УКИМ кои се блиски и сродни со основната дејност на компанијата. Годинава со стипендии се стекнаа по двајца студенти на Машински факултет, Технолошко-металуршки факултет и Економски факултет, и еден студент на ПМФ – Институт за хемија, додека на ФЕИТ беа доделени три стипендии. Стипендиите се наменети за втор циклус едногодишни студии, за учебната 2019/2020 година.
Преку својата општествено одговорна политика, компанијата ОКТА е активно посветена на унапредување на образовниот процес и поттикнување на младите да вложуваат во своето образование и знаење. Покрај стипендирањето студенти за втор циклус студии во земјата и во странство, поддршката од ОКТА за студентите се проширува и преку реализирање на редовната програма за практиканти, како и поддршката на различни активности за унапредување на наставно – образовниот процес на факултетите.