Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) денеска и утре е домаќин на делегација од Финансиската агенција (ФИНА) од Република Хрватска, составена од раководители од областа на информациско-комуникациските технологии, јавните услуги и организациски и правни работи.
Како што соопшти МИОА, целта на посетата е презентација на хоризонталните системи кои веќе ги имплементира МИОА, на барање на ФИНА, од каде пројавија интерес да научат и понатаму и во Хрватска да ги пренесат македонските искуства во областа на дигитализацијата.
Делегацијата на ФИНА, предводена од претседателот на одборот, Дражен Човиќ и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски разговарале за процесот на дигитална трансформација во државава, проектите што ги раководи МИОА, како и за тековните и идни чекори во таа насока.
-Во последните неколку години решивме со меѓународни финансии, претежно со ИПА фондови да инвестираме во дигитализација на системот и конечно, по две-три години планирање, стратегии, реализации, инсталации изградивме комплетна платформа, и тука мислам не само на Националниот портал за е-услуги, тука е и Регистарот на население, Каталогот на услуги, рече министерот Манчевски, додавајќи дека електронските услуги првата година ќе бидат насочени само кон граѓаните, а планот е следната година тоа да се прошири и за бизнисите.
Вработени во МИОА ги претставија проектите како што се платформата за Национална интероперабилност, Каталог на административни услуги, Регистар на услуги со упатство, правната рамка и процесите за исполнување на услугата, како и Националниот портал за е-услуги и Регистарот на население.
Гостите од Хрватска имаа можност одблиску да се запознаат со позитивните искуства и добри практики поврзани со проектите на Министерството за информатичко општество и администрација, а воедно да ги споделат и своите знаења и искуства.