Стапката на раст на македонската економија во изминатите 10 години ќе достигнела и до пет проценти, доколку се реализирале капиталните инвестиции, кои во изминатите 10 години бележат значително кратење, оценува Центарот за економски анализи (ЦЕА).
Во анализа што ја направи Центарот врз основа на модел за финансиско програмирање, развиен во соработка со Микро-макро консултантите од Хаг, стои дека ако биле реализирани планираните капитални инвестиции, растот во 2010 година би бил 5,1 отсто, во 2011. – 3,7 отсто, во 2012. – 1,4 отсто, 3,5 во 2013 година, 4,9 отсто во 2014 година, пет отсто во 2015, 4,5 отсто во 2016 година, 2,2 отсто во 2017 година и 4,5 отсто во 2018 година.
Анализата покажува дека висината на реализираните капитални инвестиции во последната деценија не надминале 20 милијарди денари. Највисоката вредност од 19,86 милијарди денари или 325 милиони евра се реализирани во 2017 година.
– Ваквиот тренд на нереализирање на планираните капитални инвестиции од буџетот за секоја година во период од една деценија укажува на повеќе аномалии и недостатоци во процесот на планирање како капитацитети и веродостојност на планирачкиот процес, усогласеност со приоритети, застои во јавните набавки и слаб административен капацитет за проектен менаџмент, наведуваат од ЦЕА и додаваат дека тоа укажува и на потребата од реформирање и на процесот на управување со јавните финансии од поширок обем, започнувајќи од стратешките цели на една влада, нивниот рализам поткрепен со потребните капацитети, па се до потребата од среднорочно, реално и објективно планирање и реализација.
ЦЕА смета дека во делот на политичка економија редовните ребаланси со стеснување на капиталните расходи за сметка на трансферите и зголемувања на плати и пензии на разни категории на економски агенти без да се води сметка за продуктивноста на економијата, укажува на акутноста на пробелмот со политички популизам и стеснување на хоризонтот на капиталниот циклус до политичкиот циклус на коалициите на власт.
Препораките на ЦЕА содржат подобрување на квалитетот на планирање на капиталните расходи врз основа на капацитетите на нивна реализација како на централно така и на локално ниво, подготовка на долгорочни повеќегодишни стратегии и планови за јавни инвестиции проследени со подготовка на адекватна усогласена стратегија и јасна насока и пристап за приоритети во подолг период, унапредување на ефикасноста и ефективноста на трошење на јавните расходи во овој случај капиталните расходи и ефектите од реализација на капиталите инвестиции се општо позитивни и го зголемуваат растот, но и развојот односно условите за развој и поголема конкурентност и продуктивност.