Човековите права се камен темелник на нашиот живот, а никаде на ниедно друго место во светот нема да видите толкава интегративна структура која што ги почитува толку човековите права како што тоа го прави Европската унија, истакна денеска амбасадорот на Словенија во земјава, Милан Јазбец на последната панел дискусија за одбрана на европските вредности во процесот на пристапување на тема „Како да се користи интеграцијата во ЕУ за унапредување на човековите права во регионот”.
Борбата за човековите права, според него, треба да почне уште од најмала возраст. Во оваа битка рече дека е пожелно да ги привлечеме најмладите бидејќи, како што рече, иднината останува во нивните раце.
Човековите права, според амбасадорот, се камен темелник на денешниот живот дури и темелник на се она што се случувало по Втората Светска војна.
-Француската револуција беше најважната пресвртница од аспект на човековите права, односно 1789 година која го стави поединецот во фокусот на филозофско, политичко и етичко дејствување. Требаше време за сето ова да стане видливо. Според мене, Европската унија стана главна пресвртница за она што денес го имаме, рече Јазбец.
Универзалната декларација за човекови права и Европската конвенција за човековите права, како што додаде Јазбец, се двата основни документи кои ги зацементираа човековите права во нашиот секојдневен живот.
Тој истакна дека процесот на европската интеграција создал многу важни национални и меѓународни организации кои беа формирани во рамки на Советот на Европа во средината на педесетите години.
-Ако ги ставиме заедно активностите на организациите во рамки на Обединетите Нации ќе видиме дека овој процес ги произведува најважните вредности според кои живееме секојдневно, кои ги гледаме како критериуми за стандарди за живеење, и тие предности, тоа богатство, ја прави Европа единствениот континент, наведе амбасадорот.
Според него, никаде на ниедно друго место во светот нема да видиме толкава интегративна структура која што ги почитува толку човековите права.
Тој истакна дека процесот на проширување на ЕУ интеграциите и напредување на човековите права веќе е почнат во Србија и Црна Гора во овој регион на Западниот Балкан, а се очекува сега и зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија.
-Гледаме колку човековите права се камен темелник на нашите животи. Постојат и прашања кои на прв поглед не личат на прашања на човековите права, но ако влеземе подлабоко ќе видиме дека се дел од човековите права. Едно од тие права, според мене, е и чистиот воздух. Ова право се уште го нема во Уставот, но јас се надевам дека со текот на време и тоа ќе се промени. Сега е зима, а чист воздух во Скопје и Тетово скоро да не постои.
Тој истакна дека прашањето за чистиот воздух политичарите треба да го стават во прв ред, заради нив, заради нивните деца, но и сите граѓани во државата.
Додаде дека никој не треба да чека да почне проширувањето на Европската Унија, односно да почнат преговорите за проширување, за да се справат со овие прашања. Што побргу се надминат овие проблеми, толку ќе имаме подобра позиција за преговори.
-Разбирање на човековите права по крајот на Втората Светска војна го иницираше процесот и евроинтеграција и по крајот на Студената војна ова разбирање и сфаќање се продлабочи во две гледни точки. Првата точка е поради стравот од нова војна, а втората точа е поради политичко обединување на пошироката европска област и унапредување на глобализацијата. Денес зборуваме за глобализацијата, технички напредоци и развојот на социјални медиуми. Сето ова претставува единствена алатка за разбирање на човековите права и унапредување на граѓаните, истакна Јазбец.