На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата денеска на седница го утврди Предлог-Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој, покрај редовното, се предлага дополнително усогласување на пензиите.
Дополнителното усогласување, како што информира владината прес-служба, е поврзано со порастот на минималната плата за повеќе од 15 отсто и порастот на просечната плата за повеќе од 5 отсто.
На овој начин, посочуваат од Владата, вредноста на пензијата се дава можност висината на пензиите да расте со вредноста на платата, што овозможува подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија.
Владата денеска ја разгледа и усвои и информацијата за План за Гаранција за млади 2020-2022 година, со план за спроведување на територијата на целата земја и ќе биде насочена кон сите млади лица од возрасната група од 15 до 29 години што законски престојуваат во Република Северна Македонија и не се вработени и не се вклучени во образование или обука.
Ова е третата фаза од имплементацијата на оваа мерка која во двете пилот фази по региони даде одлични резултати во процесот за вработување на младите.