Со одлука на грчката Влада привремено се замрзнува дијалогот околу мерките за градење доверба со Турција поради последните случувања во источниот Медитеран, но и поради бранот бегалци и мигранти, објави грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана на Грција.
Според истите информации, станува збор за владина одлука што ја спроведува конкретното министерство, надлежно за мерките, што на воено ниво се водат меѓу двете земји.
Оваа одлука на Грција доаѓа на ден пред закажаната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на маргините на НАТО самитот во Лондон.
Мицотакис, говорејќи со неговите соработници, според грчки владини извори, рекол дека на средбата со Ердоган ќе разговараат со отворени карти, ќе му ги постави сите теми поврзани со „турската провокација”, јави дописничката на МИА од Атина.