НАТО не е дел од процесот на надминување на проблемите меѓу Грција и Турција, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пишува атинскиот весник Катимерини.
Првиот човек на Алијансата ова го кажа пред својата посета на Лондон, каде утре ќе се оддржи самитот на лидерите на земјите членки на НАТО по повод 70-годишнината од постоењето на сојузот.
-И Грција и Турција се две важни земји сојузнички и двете придонесуваат за нашата заедничка безбедност. Има некои недоразбирања и јас го поздравувам тоа што има билатерални контакти и обид да се обрне внимание на овие разлики, рече Столтенберг, додавајќи дека НАТО не е дел од овие преговори.
Запрашан дали НАТО е загрижен за турските испитувања во кипарската Посебна економска зона (ПЕЗ), Столтенберг изјави дека една од причините што Алијансата успеа во изминатите години е што не учествуваше во „сите тешки прашања” во регионот.