Одлуката на Европската Унија за одложување на членството на земјите од Западен Балкан не е решение, туку можна причина за нови нереди во регионот, изјави косовскиот претседател, Хашим Тачи, пренесува „Газета експрес“.
Тој рекол дека сегашната ситуација е премногу комплицирана и опасна и ја повика ЕУ да биде похрабра и поголем визионер, како и сигурен партнер на Западен Балкан.
„Стратегијата за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан создаде уверување дека ЕУ го дава решавачкиот замав за Косово и земјите од Западен Балкан да се интегрираат во европското семејство, но последните настани нè демантираа“, рекол Тачи.
Тој додал дека некои земји од Западен Балкан се соочуваат со назадување на демократијата и пораст на популизмот и национализмот.
„Балканот стана геополитичко бојно поле. Во тие околности одложувањето на проектот за проширување на ЕУ со државите од Западен Балкан не е опција, ниту решение ниту пат. Во реалноста таа опција е повик за нови нереди на Западен Балкан“, рече Тачи, пренесува „Косово онлајн“.