Шилегов: Скопје е град за сите и сите имаат право на поквалитетен живот

По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември, во Музеј на Град Скопје  во организиција на граѓанската асоцијација Цивил се одржа  панел дискусијата под наслов „Рампа“, посветена на (не)прифатеноста на лицата со посебни потреби во општеството, како и на процесите за деинституционализација и пристапноста до услугите од институциите на локално и на национално ниво.  Во дискусијата учествуваа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов од Министерството за труд и социјална политика, Благица Димитровска од Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Џабир Дерала од Цивил.
-Одбележувањето на овој ден е добра можност да се потсетиме дека Град Скопје во изминатиов период беше многу активен на полето на социјалната заштита. Во рамките на редовните активности продолживме и ја унапредивме долгогодишната поддршка на Дневните центри кои работат со различна категорија на лица со попреченост како што се „Во мојот свет“, „Креатива Исток“, „Порака“ и уште неколку други. Продолживме и со бесплатниот јавен градски превоз и паркинг услуги за лица со попречености, како и со финансиската поддршка на патувања низ земјата за здруженија на лица со попречености – рече Шилегов.
Во текот на изминатите  две години Градот Скопје, освен редовните активности,  реализира и многу нови активности во насока на подобрување на квалитетот на живот на лицата со попречености.
-Сакам да нагласам дека посветено работиме да им помогнеме на овие наши сограѓани , па така за прв пат ангажиравме образовни асистенти за средношколците со посебни образовни потреби, обезбедивме стипендии за средношколците со попречености. Исто така, речиси во сите средни училишта каде што имаше можност обележавме паркинг за лицата со попреченост. На лицата со аутистичен спектар на однесување им овозможивме бесплатно користење на јавниот градски превоз. Тоа значи дека листата на корисници на повластен јавен градски превоз за лица со попречености се прошири дополнително и за лица со аутистичен спектар на однесување имајќи предвид дека се бележи пораст на оваа категорија на граѓани, особено кај младата популација – кажа Шилегов.
Градот Скопје се приклучи на активностите на Министерството за труд и социјална политика во процесот на деинституционализација. Во таа насока го поддржува малиот групен дом во Скопје во кој се сместени лица од Заводот во Демир Капија. Преку Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори обезбедува 24 часовна грижа од негуватели за лицата сместени во домот. Исто така, обезбеди и помош и нега во домашни услови  за лица со најтежок облик на интелектуална попреченост и комбинирани пречки од стручен тим составен од лекар специјалист по семејна медицина, медицинска сестра, физиотерапевт, социјален работник, психолог, дефектолог и негуватели.
-Овозможивме помагатели на ранливи целни групи меѓу кои се и лицата со попреченост. Во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје оваа година ангажиравме 12 помагатели да работат со 25 корисници од Скопје давајќи им ја негата и грижата која им е потребна. Финансиски го поддржавме отворањето на Дневниот центар за Даунов синдром и обезбедивме персонални асистенти кои работат со корисниците во домот. Во завршна фаза од изработка е и инклузивно игралиште во Бутел, кое треба да биде завршено овие денови, а паралелно се работи на инклузивно игралиште и во Карпош. Исто така, во завршна фаза на административните процедури е и проектот за отворање сензорна соба во градинката 11 Октомври во Радишани. На крај сакам да потенцирам дека продолжуваме со унапредувањето на социјалната заштита на нашите сограѓани. Овие две години покажавме дека успешната меѓуинституционална соработка е клучна за резултатите во секоја област. Оттука социјалната заштита останува високо на листата на приоритетите на градската администрација – нагласи Шилегов.
Тргнувајќи од фактот дека Скопје е град за сите и сите имаме право на поквалитетен живот во средината во која живееме, Град Скопје во изминативе две години набави три нови возила за лица со попреченост; во Детскиот културен центар Карпош постави платформа за лица со попреченост со што се олеснува самостојно движење на лицата низ институцијата и во повеќе средни училишта се направени тоалети за лицата со попречености.

 

Треба да знаете
Последни објави