Мнозинството Германци сакаат да се намали зависноста од американска одбрана и да има поблиски односи со Русија, покажува истражувањето нарачано од германската новинска агенција ДПА.
Педесет и пет отсто Германци изјавиле дека во случај на напад би сакале да бидат заштитени од европските членки на НАТО, без поддршка од САД.
Околу една петтина (21 отсто) од испитаниците, пак, не сакаат да се откажат од американската воена поддршка.
Покрај тоа, 48 проценти Германци се изјасниле за целосно или делумно повлекување на околу 35.000 американски војници кои се наоѓаат во Германија. Од друга страна, пак, околу една третина (32 отсто) сметаат дека американскиот воен контингент треба да остане во земјата.
Анкетата, исто така, покажала дека постои силна поддршка за поблиски врски со Русија, откако 54 отсто Германци одговориле дека НАТО треба повеќе да соработува со Русија. Само 21 отсто се изјасниле за продолжување на „тврдата линија” кон Москва.