Живеев за денот кога ќе можам да зборам оти сум мета на јавен линч од исконструиран предмет несреќно наречен Рекет иако тука не станува збор за изнуда, рече Боки 13 во воведниот збор.
Тој рече дека немал никакво влијание врз Катица Јанева со која седел во ресторан барем ист толку време како и со обвинителката Вилма Рускоска. Рече дека на наредните судења само да е жив и здрав, ќе каже кој се е инволвиран во случајот, кој е организаторот, а од камерата одземена од неговите родители ја крие вистината каде завршила торбата со парите.
-Самонаречена естрадна ѕвезда е срамотен термин изнесен од Рускоска. Резултатот на овој линч е загрозување на мојот и животот на моите блиски, а благодарение на ОЈО случајот стана сензација и средство за политичко препукување и уништување на медиум. Притворот ми ја влоши здравствената состојба поради двете неуспешни операции извршени во болницата каде сопственик е сведокот Камчев. И од воведниот говор на Рускоска имам впечаток дека како и претходно, има намера и овој судски совет да го истресе од гаќи, рече Јовановски.
Тој забележа дека иако е болен не е во домашен притвор како другите и пак се пожали на Рускоска која во некоја емисија рекла дека Боки 13 должел пари и сите го тепале.
Неговиот адвокат Саш Дуковски рече дека кривично правно нема основа за делото за кое се товари неговиот клиент, кој истото не го извршил.
-Кој снимал, каде се снимките, ние ништо не видовме, зошто тоа се крие. Не е доволно да напишете “претпоставено влијание” и да си дојде пресудата. Пресуда нема да има оти нема никакви докази, се е резултат на јавен линч кој го употреби и обвинителката Русковска во воведниот збор. Како може самонаречен естраден уметник, како што го нарече Русковска, да влијае врз еден специјален обвинител?
Кое дело е извршено од влијанието на мојот клиент, тоа што е ослободен некој со судска одлука и од тоа се прави предмет. Од каде се црпи влијанието на Боки, па со Јанева се гледала пола држава. Македонија е мала, многу овластени лица се познаваст со обичните граѓани. Башка, како може да се подигне обвинение против Боки, ако тој воопшто не дал изјава ако се знае дека мојот клиент беше однесен со итна помош во болница за време на исказот во ОЈО. Во однос на доказите доволно е да кажам дека Јовановски не можел да биде во канцеларија каде ги примил парите од Камчев, а вистината е дека во наведениот термин бил на операцијата на желудникот, рече Дуковски.
Според него, на Боки му била земена 71 вреќа гардероба, а Рускока сака да каже дека тоа го купил за само неколку месеци.
-Ќе докажеме дека гардеробата е купена во 2013 година, рече Дукоски.
И.Ш.
Фото: Слободан Ѓуриќ