Северна Македонија и целиот регион мора да бидат малку погласни, поактивни во однос на нон-пејперот предложен од Франција со кој се предлага реформа на пристапниот процес и да излезат со свои предлози пред Европската комисија и членките на Унијата.. Тоа се однесува и на граѓанското општетство и НВО секторот во сите земји од Западен Балкан, кои треба да одиграат голема улога во однос на предлозите од нон-пејперот.
Ова е ставот изенсен на тркалезна маса на тема „EU accession: no pass to an impasse?” (Пристапување во ЕУ: нема излез од ќорсокак?”), на која се разговара за идните чекори во процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, како и за поврзување на дискусиите помеѓу ЕУ и регионот за овој процес, по недобивањето датумот за почеток на преговорите.
За Воутер Звеерс, истражувач во Клингендал институтот од Холандија, недонесувањето на одлуката на Европскиот совет во октомври беше вистина криза и беше разочарувачки што не беше дадено зелено светло Северна Македонија да ги отвори пристапните преговори.
-Сепак, после Советот позитивно е тоа што во Холандија и во други земји членки обновен е интересот за процесот на проширување и креаторите на политики веќе бараат начини како да го подобрат процесот на пристапување и да го засилат нивниот ангажман во регионот. Сметам дека тоа е позитивниот ефект од недонесувањето на одлуката на Европскиот совет. Постои и сфаќање, барем во Холандија ако не и во други земји членки дека немаме време пет-шест години од сега да дискутираме за реформите на процесот, бидејќи сега има можност да се биде активен, вели Звеер и додаде дека имајќи ги предвид изборите во април во Северна Македонија, ЕУ треба до тој период да излезе со ревизија на процесот, вели Звеерс.
Според него, досега се познати реакциите на нон-пејперот од Франција на повеќе земји членки на ЕУ, кои имаат различни идеи за тоа како да се придвижи процесот.
-Линкот што Франција го направи со реформите во самата Унија е нешто што не се споделува во некои други земји. Холандија смета дека реформата на ЕУ од една страна и реформата на процесот на проширување се две одвоени дискусии. Очекувам да има жестока дебата во наредните месеци и ќе биде тешко да се постигне консензус пред април, оценува холандскиот експерт.
Себастиен Грику, политички советник во фондацијата „Жан Журес” од Франција, која е фондација на социјал-демократите во таа земја, смета дека нон-пејперот е напишан многу брзо, има многу недостатоци, но во исто време тие треба да се разгледаат. Силно верува дека граѓанското општетство и НВО секторот во сите земји од Западен Балкан, како и раководствата на држави и влади од регионот треба да одиграат голема улога во однос на предлозите од нон-пејперот и да излезат со свои предлози пред Европската комисија и членките на Унијата.
-Силно верувам дека граѓанското општество на Западен Балкан има доволно експертиза да може да даде свои забелешки на документ и да го направи нон-пејперот многу подобар. Истоа така, земјите од Западен Балкан треба директно да учествуваат во дебата за иднината на Европа, бидејќи на крајот се е поврзано со иднината на ЕУ. Тоа е моја силна препорака за директен придонес од земјите од регионот до ЕУ членките и да се види дали Франција е сериозна во однос на нон-пејперот, што е начин да се обврзат да продолжат со документот, вели Грику.
Малинка Ристевска Јорданова член на Управниот одбор на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ), кој е организатор на форумот, изјави дека сметаат оти од страна на нашата држава има слаб одговор на нон-пејперот и оттаму оваа дебата на која учествуваат невладини организации од повеќе европски центри има за цел да даде придонес во таа дебата.
-Ние сметаме дека треба и можеме да бидеме многу погласни бидејќи е многу значајно во овој момент да се даваат такви предлози. Знаеме дека овој документ содржи доста елементи кои што можат и понатаму да го одложуваат процесот што за нас ќе има многу последици. Од таму, методологијата не е техничка работа. Под овој збор практично стојат многу механизми кои што влијаат и на самата динамика на процесот, меѓутоа и на тоа како ќе се реализира условеноста. Реално, големо прашање е кој ќе биде поттикот доколку овде не се извршат одредени корекции.Знаете дека практично се предлага Комисијата да излезе со предлог во јануари, меѓутоа ќе видиме како понатаму. Комисијата само што стапи на должност и роковите се многу тесни, но од друга страна не се ни поставени некои крајни рокови. Нашето залагање и како невладин сектор и како држави и Македонија и целиот регион мора да бидат малку погласни, поактивни во однос на овој документ, вели Ристевска Јорданова.
Во однос на добивање на датумот за преговори, по неуспехот на октомврискиот самит на ЕУ, таа се воздржува од какви било прогнози.
-По октомври никој од нас веќе не се осмелува да биде оптимист. Дури и ние што секогаш сме имале извесна доза на резерва во однос на нашите прогнози, сега имаме уште поголема доза на резерва. Мислам дека е време за рационалност и да не се поткреваат очекувањата, туку напротив, да се стори што е можно повеќе да се исправат можните последици од овие сегашни текови, кажа Ристевска Јорданова.
На тркалезната маса учествуваше и заменик-министеот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој истакна дека најважно за Република Северна Македонија, во овој момент е што сите земји членки, вклучувајќи ја и Франција, потврдија дека крајната цел е европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и унифициран пристап кон сите земји кандидати. Исто така, размислувањата во Унијата, вели, се на линија за брзо усвојување на новата методологија и заслужена одлука за почеток на пристапните разговори што е можно поскоро.
Настанот има цел да ги доближи дискусиите и перцепциите за процесот на пристапување од релевантни чинители од Франција, Холандија и Германија, наведуваат од Институтот за европска политика – Скопје.