Детски „Авантура парк“ со адреналински и рекреативни содржини ќе биде изграден во состав на скопската Зоолошка градина. Како што велат од таму, оваа содржина ќе биде наменета за анимирање на најмладите посетители, и е прва од ваков вид во земјава.
-Многу европски и светски метрополи имаат авантуристички паркови во природа. Тоа е парк кој служи истовремено за забава и физичка активност за деца над петгодишна возраст. Ќе содржи реквизити со различни нивоа на предизивик- лавиринти, дрвени куќарки, јажиња со препреки и многу други интересни содржини со загарантирана безбедност. Со децата ќе работат луѓе кои се обучени за тоа, велат од Зоолошката градина.
„Авантура парк“ ќе биде донација од Агенцијата за млади и спорт, а бесплатно ќе биде достапен на сите основни училишта во делот на физичкото воспитување за деца од 6 до 15 години.
-Проектот е во изработка и се надеваме дека на пролет, Скопје ќе го добие еден од најубавите авантуристички паркови во регионот- порача директорот Ѓорѓи Галетановски.