– Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, остро го критикуваше премиерот на Велика Британија Борис Џонсон за неговите коментари по расистичките скандали за време на натпреварот меѓу Бугарија и Англија во Софија во октомври.
Ден по дуелот, Џонсон рече дека расизмот на националниот стадион „Васил Левски” е „одвратен” и ја критикуваше УЕФА за неактивноста по слични инциденти. Во интервју за британскиот таблоид „Мирор”, Чеферин го обвини Џонсон за поттикнување расизам во Европа, потсетувајќи го на неговата реченица дека жените кои носат бурки, изгледаат како „поштенски сандачиња”.
– Кога еден политичар кој ги нарекува жените кои носат бурки„ поштенски сандачиња” јавно ја осудува УЕФА, дали треба воопшто да одговориме на тоа? Мислите ли дека ова е искрено? Ви се молам. Ситуацијата во Европа станува сè понапната. Кога гледаме политичари на високи позиции, премиери и претседатели на земји, ,кои се расисти, кои биле сексисти, тоа не е во ред, рече Чеферин.
Претседателот на УЕФА сепак призна дека европската фудбалска централа мора да ја засили својата битка против расизмот на стадионите.
– Јас разбирам дека фудбалерите се очајни за овие инциденти и за казните, што се случуваат одново и одново. Нормално е тие да сакаат да ја испратат УЕФА по ѓаволите. Јас не сум толку наивен да мислам дека дадовме се од себе и дека се е готово. Ние се грижиме и се обидуваме. Ние не сме само некои луѓе во Нион кои јадат добра храна и возат Ферари, посочи Чеферин.
Тој откри дека дисциплинските казни против расизмот ќе бидат променети на следниот Конгрес на УЕФА во март.
– Треба да имаме различна перспектива и појасна идеја за тоа што е правилно и погрешно. Ние сакаме да бидеме поконкретни. Ние работиме на тоа, рече уште Чеферин.