Четиринаесет проценти од жените кои биле интервјуирани изјавиле дека биле жртви на физичко или сексуално насилство на возраст над 15 години од страна на партнерот или друг маж од нивната блиска околина, три од 10 или 30 проценти изјавиле дека биле жртви на сексуално вознемирување во својот животен век, додека 10 проценти во последните 12 години. Процентот е многу повисок кај жените што живеат во урбани средини за разлика од жените од руралните средини кои многу малку го препознаваат или пријавуваат сексуалното вознемирување.
Овие се податоци од истражување на ОБСЕ објавено во 2019 година, кои беа презентирани на денешната Панел дискусија за промоција на центрите за упатување жртви на сексуално насилство и стандардите за нивно функционирање, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство истакна дека сексуалното насилство и неговите различни облици е една од најмалку пријавуваните форми на насилство, особено силувањата во брак и силувањата во интимен партнер како најчести облици на сексуално насилство се скоро минимално пријавувани.
– Причината за тоа произлегува од непрепознаеноста на оваа форма на насилство врз жените од самите жени поради тоа што се смета дека брачните партнери имаат обврска да ги задоволат потребите на другиот брачен партнер кога тој ќе го побара особено ако се зборува за брачните обврски на сопругата спрема својот сопруг, така да и самите жени не се свесни дека силувањето во брак и дека учеството во било каков сексуален акт без нејзина согласност е кривично дело, е форма на насилство и како такво треба да биде пријавено и соодветно треба да биде санкционирано. Покрај силувањето во брак, тука е силувањето од интимен партнер кој исто така не е доволно препознаено и од самите жртви и институциите, рече Димушевска.
Таа посочи дека во Кривичниот законик мора да се вклучи соглсноста како услов и критериум за квалификација за сексуалниот чин да се квалификува како силување, бидејќи, како што рече, ова го препорачува потпишувањето на Истанбулската конвенција, кој нашата држава го има потпишано во 2017 година.
Таа препорача дека вакви центри треба да постојат уште минимум пет, минимум по еден во секој плански регион, каде жртвите и од другите делови на земјата ќе имаат каде да се обратат во моментот кога ќе го доживеат насилството.
Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права рече дека се уште се соочуваат со недоволна информираност на полициските службеници и на здравствените работници за упатување на жртвите до центрите.
– Нема покриеност од 24 часа услуга, значи уште не работат во три смени. Секогаш постои проблем со земање докази. Судската медицина нема доволно вештаци кои излегуваат на терен. Тоа веќе е системски проблем кој не се однесува само на оваа структура жртви. Најважното нешто е тоа што жртвите немаат доволно информации, рече Пировска.
Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство изјави дека на оваа клиника откако е отворен Центарот се вршеле и се уште се вршат обуки за клинички третман на жртви на силување или сексуално насилство во кризни состојби, кои ги посетувале повеќе од 40 вработени со цел да се обезбеди достоинствена и ефикасна грижа на жртвите од насилството. Додаде дека водат исклучителна грижа околу уверувањето на жртвата дека нејзината приватност ќе остане сочувана на највисоко ниво.
Нада Тофоска, координаторка на Центарот за жртви на сексуално насилство во Скопје информира дека се отворени три центри во градовите Скопје, Куманово и Тетово кои функционираат во рамки на Гинеколошко – акушерските клиники. Информира дека на жртвите им нудат помош во спроведувањето на следните процедури: подготовка на жртвата за пружање медицинска нега; подготовка за преглед, земање анамнеза и историја; собирање форензички докази; изведување физички и генитален преглед; препишување третманот; советување на жртвата и следење на жртвата
Посочи неколку искуства каде во 2018 година биле пријавени три случаи, додека во 2019 година пет случаи. Додаде дека најавени се три случаи на малолетнички, кои не дошле во Центарот и кај еден од сите пријавени случаи е докажано силување