Германската канцеларка Ангела Меркел ќе го посети некогашниот германски нацистички концентрационен логор Аушвиц во петок (6. декември).
Тоа ќе биде прва, историска посета на Ангела Меркел на овој сега спомен-центар, по 14 години, колку што е на функција, и трета официјална посета од шеф на германската влада. Германската канцеларка ќе биде придружувана од полскиот премиер Матеуш Моравицки.
Посетата е поврзана со 75-годишнината од ослободувањето на тој нацистички концентрационен логор за Евреите кои се наоѓаат во Полска.
Последната посета на шеф на германската влада на овој логор за ликвидација на луѓе, каде се убиени речиси милион Евреи, беше пред 24 години, пред одбележувањето на 50 години од кога советски војници во јануари 1945. одлободиле група преживеани заробеници.
Канцеларката Меркел ќе им оддаде почит на жртвите со едноминутно молчење пред „Ѕидот на смртта“ во Аушвиц, каде биле стрелани илјадници затвореници, а потоа ќе го посети и логорот Биркенау каде ќе одржи говор и ќе положи венец, објави АФП.
Хелмут Шмит беше првиот германски премиер што го посети логорот, 32 години по ослободувањето на 27 јануари 1945 година. Втор и тоа двапати – во 1989 и 1995 година, го посетил канцеларот Хелмут Кол.