На натпреварот од полуфиналето во Лигата на нации, група Д, помеѓу фудбалските репрезентации на Северна Македонија и Косово, закажан за 26 март во Скопје, по првпат кај нас ќе се применува ВАР технологијата.
Ова значи дека судиите ќе може да гледаат повторена снимка за да видат нешто што евентуално не го виделе на теренот на стадионот „Тодор Проески”, и да признаат или поништат некој гол. Досега кај нас немало примена на модерната видео асистенција за судиите.
Европската куќа на фудбалот, УЕФА, денеска на состанокот во Нион, нареди задолжително користење на ВАР на баражите за Европското првенство, а побара да има ВАР и на сите мечеви од квалификациите за СП 2022, но за тоа треба дозвола и од Светската фудбалска федерација, ФИФА.