Лидерите на НАТО денес се обидоа да ги намалат несогласувањата, истакнувајќи дека тие остануваат обединети во врска со безбедносните прашања и решени да се бранат меѓу себе и покрај недоразбирањата.
Британскиот премиер Борис Џонсон исто така го зазеде овој став на самитот на НАТО што се одржува во луксузен хотел во Ватфорд, во близина на Лондон.
„Јасно е дека е многу важно алијансата да остане заедно затоа што има многу повеќе нешта што нè обединуваат отколку што нè разделуваат“, рече Џонсон.
Џонсон истакна дека НАТО е успешно поради „еден многу едноставен концепт. Суштината е во ветувањето дека ќе застанеме во одбрана еден на друг – сите за еден, еден за сите“, пренесува АП.