Хрватска во ЕУ не се истакнува во однос на фокусирањето на еколошките политики, но европските Зелени очекуваат дека земјата за време на претседавањето со Советот на ЕУ нема да ја попречува европската „зелена транзиција”, изјави пред посетата на Загреб копретседателот на пратеничката група на Зелените во Европскиот Парламент Филип Ламберт.
Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и шефовите на сите пратенички групи утре ќе престојуваат во официјална посета на Загреб, каде ќе се сретнат со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претставниците на Владата, а ќе разговараат за приоритетите на хрватското претседавање со ЕУ во првата половина на следната година.
Во изјава за Хина Ламберт посочи дека зелените теми очигледно не се во центарот на програмата на хрватското претседателство.
– Не се стекнува впечаток дека оваа држава и Влада се меѓу „најзелените” во ЕУ, па не очекувам во тоа да биде предводник, но се надевам дека Хрватска барем нема да ја сопира зелената транзиција. Ако сакаме Еврокомисијата на Урсула фон дер Лејен да биде успешна, ќе биде потребно сите членки да ја прифатат зелената транзиција, па и ако тоа претходно не било случај. Христијанин сум, па и новите преобратени се добредојдени, бидејќи подобро некогаш отколку никогаш, истакна Ламберт.
Тој оцени дека како земја со многу сонце и ветер би се очекувало дека Хрватска би била насочена кон обновливи извори на енергија, но нејзината енергетска политика главно се темели на енергија од фозилни извори. Според Ламберт тоа е знак дека „зелената” светс не е присутна меѓу хрватските власти.