Европската унија денеска соопшти дека веројатно нема да успее да ја исполни поставената цел за намалување на емисијата на гасови со ефекти на стаклена градина до 2030 година, со што и се намалуваат шансите да биде лидер во светот во борбата против климатските промени.
Европската агенција за животна средина (ЕЕА) оцени дека со постојните мерки, ЕУ е на пат во следната деценија да ја намали емисијата на јаглероден диоксид (CO2) и другите загадувачи кои придонесуваат за загревање на планетата за 30 отсто во однос на нивото од 1990 година, пренесе БЕТА. Сега ЕУ планира да ја намали таа емисија за 40 отсто до 2030 година, а некои европски лидери бараат целта да се помести на 55 отсто, а долгорочно да биде цел запирање на сите нови емисии до средината на векот.
„Меѓутоа, новите трендови укажуваат на забавување на напредокот во областите како намалување емисии на стакленички гасови, индустриски емисии, отпад, унапредување на енергетската ефикасност и уделот на обновливата енергија”, посочува ЕЕА во извештајот.
„Сегашното темпо на напредок нема да биде доволен за да се достигнат климатските и енергетските цели за 2030 и 2050 година”, предупредуваат од Агенцијата.
Извештајот е објавен за време на Конференцијата на ОН за климата (ЦОП 25) во Мадрид, каде претставници од речиси 200 земји ги разгледуваат причините и последиците од климатските промени.
Новата Европска комисија се очекува следната недела да го претстави долгорочниот план за борба против глобалното затоплување, во јавноста познат како „Европски зелен договор”.
Активистите за подобра животна средина оценуваат дека ЕУ треба да ги зајакне напорите за да овозможи и натаму да биде можно остварување на целите од Парискиот климатски договор од 2015 година со цел глобалното затоплување да се ограничи на 1,5 Целзиусови степени до крајот на векот.
– Актуелните ЕУ лидери се последната генерација која може да ја спречи промената на климата, истакна директорот на Мрежата за климатска акција Европа Вандал Трио. Тој потсети дека Европскиот парламент неодамна симболично прогласи „климатска вонредна состојба”. – Граѓаните сакаат тие да дејствуваат сега, а не за 30 години, дополни Трио.
Друго истражување, чии резултати денеска ги соопштија група научници, покажа дека емисијата во ЕУ и САД во последните години паднала за 1,7 отсто, но во Кина е забележан раст од 2,6 проценти, а во Индија 1,8 отсто.
Шведската активистка во борбата против климатските промени Грета Тунберг оцени дека студијата покажува дека „наместо толку потребното значително намалување, емисиите на CO2 постојано се зголемуваат”.
„И натаму брзо се движиме во спротивен правец”, напиша Тунберг на Твитер, која в петок во Мадрид, најави учество во големиот протест.