Аргентинскиот фудбалски репрезентативец и лидер на шпанскиот првак Барселона Лионел Меси ја освои својата шеста „Златна топка“ за најдобар играч во светот и според овие освоени поединечни признанија повторно е осмен на врвот. Меси со шест „Златни топки“ е прв на листата, пред Португалецот Кристијано Роналдо, кој остана со пет трофеи. Португалецот не дојде на доделувањето на годинашното признание во Париз (!), бидејќи ја добиваше наградата за најдобар играч во италјанската Серија А на церемонијата во Милано.
Во интервјуза „Франс фудбал“ кој ја доделува „Златната топка“, фудбалскиот магионичар Меси отворено си призна дека не му било драго кога Роналдо го стасал со бројот на освоени вакви трофеи.
-Од една страна, ми беше драго што имав освоено пет „Златни топки“, но кога Кристијано ме пристигна, морав да признам дека не бев задоволен. На врвот веќе не бев сам. Тоа беше логична реакција. Повторно сум среќен што имам вкупно шест, повеќе од кој било друг фудбалер, изјави Меси, додавајќи дека не е сигурен дали е најдобар во историјата на фудбалот:
-Тоа е навистина тешко да се каже. Во други периоди, имаше и други одлични играчи кои е тешко да се споредат со мене, Роналдо, Нејмар, Мбапе. Секоја личност има некои вредности. Искрено, неможам да кажам дали сум најдобриот во историјата на оваа игра- вели Меси.