Американскиот претседател Доналд Трамп денеска имал средба со турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган, во рамки на самитот на НАТО во близина на Лондон, на која е разговарано за тензиите предизвикани во Алијансата од турската воена операција во северниот дел на Сирија.
Турскиот претседател напиша на Твитер дека средбата била „многу плодна”.
– Двајцата претседатели разговараа за важноста на исполнувањето на Турција на нејзините сојузнички обврски, натамошното зајакнување на трговијата преку зголемување на меѓусебната размена до 100 милијарди американски долари, предизвиците за регионалната и енергетската безбедност, истакна портпарол на Белата куќа.
Турција, која претходно беше критикувана за купување руски системи за противвоздушна одбрана С-400, предизвика остри реакции во НАТО за започнување без согласност воена операција против курдските сили во северна Сирија.
Тензиите ескалираа до степен да прерасне во дипломатски инцидент минатата недела, кога Ердоган изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон е во „мозочна смрт”.