Пратениците во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ го потврдија именувањето на функционерот на СНСД Зоран Тегелтија за претседавач со Советот на министри на БиХ.
Именувањето на Тегелтија на оваа функција доаѓа 14 месеци по изборите во БиХ. Парламентарното собрание на БиХ го потврди предлогот на Претседателството на БиХ за именување на Тегелтија, кој е поранешен министер за финансии на Република Српска.
За него гласале 28 пратеници, осум се изјасниле против, а двајца биле воздржани.
Тегелтија на седницата на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ го претстави експозето, во кое наведува дека приоритетите за работата на идниот состав на Советот на министри на БиХ ќе бидат главно економски теми.
Како посебно важни ги истакна реформата во јавната управа, јакнењето на безбедносните агенции и соработката со владите на ентитетите.