Во медиумите се појави уште една снимка на злоупотреба на животни, а беше снимена на руска фарма за зајаци каде што овие животни се одгледуваат заради крзното.
Снимката е вознемирувачка и на неа е прикажано како со метални шипки работниците на фармата ги удираат по глава животните заглавени во мали кафези.
Снимката е објавена од страна на организацијата ПЕТА и на неа се прикажани и чинчили кои исто така се користат заради крзното.
Истрагата беше започната во октомври годинава, а очевидци тврдат дека 30 проценти од крзното се продава на добро позната компанија, која е најголемата компанија за купување и продажба на крзно во светот.
„Секој клиент треба да има на ум дека зад секој капут или манжетна се наоѓа валкан жичен кафез, животно кое вреска и под на кланицата натопен со крв “, рече еден од водачите на ПЕТА, Џејсон Бејкер.
Во Русија не постојат регулативи за заштита на животните на фарми.